Потврдени пресуди и делумно уважени жалби за случајот „27 април“

Илустрација -Поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Апелациониот суд во Скопје по днешната јавна седница донесе пресуда со која беше потврдена вината во првостепената пресуда за обвинетите за случајот „27 април“. Исто така делумно беа уважени жалби за обвинетите во случајот во кој се теретат за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од Кривичниот законик.

Според пресудата, делумно се уважени жалбите на обвинетите Митко Чавков кој се осудува на казна затвор од 16 години, потоа осудените Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо на казна затвор од 14 години, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски на казна затвор во траење од по 13 години, се вели во соопштението на Апелациониот суд.

Исто така во него се додава дека Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ се осудуваат на казна затвор од по 11 години, обвинетиот Оливер Радулов на девет години, Александар Василевски - Нинџа се осудува на казна затвор од седум години и обвинетиот Абдуљифета Алими на казна затвор од шест години.

Судот ја потврди и првостепената пресуда во делот каде обвинетиот Игор Дурловски е ослободен од обвинение за кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик, обжалена од Основното јавно обвинителство за гонење оранизиран криминал и корупција Скопје, се вели во соопштението.

Во првостепената пресуда од 15 март 2019 година, обвинетите за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година, добија вкупно 211 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков доби највисока казна од 18 години затвор, а останатите добија од осум до 15 години. Игор Дурловски беше прогласен за невин.

По 15 години затвор добија тогашните полициски началници Митко Пешов, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање, како и припадниците на патриотските здруженија и маскирани напаѓачи Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо.

Вилијам Михајловски доби 14 години, а полицискиот началник Оливер Поповски 13 години затвор. По 12 години затвор добија Младен Додевски, Горанчо Ангеловски и Игор Југ. Оливер Радулов од УБК доби 10 години затвор, Александар Василевски – Нинџа – 8 години, а припадникот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими, кој стана познат во јавноста како човекот што го спаси Зијадин Села, беше осуден на седум години затвор, затоа што тој му ги предава клучевите од собраниските врати на Горан Ѓошевски Леви, кој беше шеф на обезбедувањето на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.