Словенечката опозиција бара гласање недоверба на Владата на Јанша

Карл Ерјавец е предлогот на опозицијата за нов мандатар на словенечката Влада

Пет словенечки опозициски партии доставија предлог до Парламентот за изгласување на недоверба на Владата на Јанез Јанша и именување на лидерот на ДЕСУС, Карл Ерјавец, за мандатар на нова влада. Предлогот го поднесоа опозициските партии Коалиција за уставен поредок, Социјалните демократи, Листата на Марјан Шарец, Партијата на Аленка Братушек и партијата Левица.

Според Уставот на Словенија, постпката е изрекување на „конструктивна недоверба“ на Владата, со формирање на ново парламентарно мнозинство со нов премиер, додека Владата во оставка до формирање на нова ги извршува тековните работи.

„Актуелната Влада, посебно премиерот Јанез Јанша, ги нарушуваат основните уставни начела и ги ослабнуваат механизмите за надзор“, изјави лидерот на Демократската партија на пензионерите (ДЕСУС), Ерјавец.

Тој додаде дека целта на Јанша и неговата Словенечка демократска партија (СДП) е воспоставување на „авторитарна демократија“ во Словенија.