Ѓорге Иванов сведочеше за „27 април“: Небулоза е дека сум сакал да прогласам воена состојба

Поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, во Суд како сведок во случајот „Организатори на 27 април“, 11 февруари 2021

Движењето “За заедничка Македонија” го поддржував јавно, но небулоза е дека сум сакал да прогласам воена состојба, изјавил денеска поранешниот претседател Ѓорге Иванов, во сведочењето во предметот „Организатори на 27 април“, кој се однесува на упадот и насилството во Собранието во 2017 година.

Тој по излегувањето од Судот, пред новинарите рече дека Судот се интересирал за неговиот став за движењето „За заедничка Македонија“, за опцијата за воена состојба и за информациите што тој тогаш ги поседувал како претседател на државата.

„Кажав дека јавно ги поддржував и ги поддржувам 'За заедничка Македонија'. Тоа за воената состојба го покрена еден неделник со напис една недела пред 27 април. Тоа беа шпекулации и небулоза. Воена состојба прогласува Собранието со двотретинско мнозинство. Доколку Собранието не може да се состане тоа може да го направи претседателот но тоа мора да биде потврдено од Парламентот. Ова е школски пример за создавање на воена психоза“, рече Иванов, во својство на сведок пред Судот.

Тој додаде и дека пред Судот кажал оти „како тогашен шеф на државата, од ниту една служба немал информации за најава на организиран влез на толпа во Собранието“.

До сега, како сведоци на одбраната во овој случај, сведочеа ракометарот Борко Ристовски, поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска“... На листата на одбраната како сведоци се пријавени над 40 лица.

Денеска во скопскиот Кривичен суд продолжи судењето за „организаторите на 27 април“, со изјави од сведоци на одбраната. Обвинети во случајот за организација на случувањата од 27 април се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие се обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.