Табли, муфтии и маски

МАКЕДОНИЈА - Тетовската секција при Јавното претријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта (Македонија пат) денес, согласно законот за јазици, започна со поставување нови информативни табли на автопатот А2 Скопје-Тетово на кои сега покрај на македонски јазик има информации и на албански јазик, јави МИА.

РУСИЈА - Сопругата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, Јулија денеска ја напушти Русија и замина во Германија, јавува руската новинска агенција Интерфакс. Според нивните извори, таа денеска од аеродромот Домодедово во Москва заминала во Франкфурт. Јулија Навални неодамна беше приведена поради учество во демонстрации кои настанаа како поддршка за нејзиниот сопруг кој одлежува затворска казна.

КИРГИСТАН - Највисокиот муслимански свештеник во Киргистан, муфтијата Максатбек Хаџи Токтомушев се повлече од функцијата откако неговиот сметководител беше приведен од властите поради обвинение за корупција. Државната агенција задолжена за исламски работи соопшти дека на негово место ќе биде поставен привремен шеф, додека да се избере замена.

БУГАРИЈА - Бугарија ќе нарача дополнителни 3 милиони дози вакцини против Ковид-19. Министерот за здравство Костадин Ангелов изјави дека поради можностите за намалено снабдување во земјата со вакцините на Оксфорд и Астра Зенека, предлага земјата да нарача дополнителна количина вакцини од 2 897.694 дози на вакцината Фајзер/Бионтек и 460.000 дози на вакцина на Модерна.

ЦРНАГОРА - Полициски час од 21 часот до 5 часот наутро и забрана за меѓуградски сообраќај во текот на викендот, повторно се воведува во Црна Гора. Според новите мерки на Министерството за здравство, угостителските објекти ќе бидат отворени до 18 часот. Во Будва и Тиват, каде епидемиолошката состојба е посложена, се забрануваат јавни собири на отворено и на затворено, а угостителските објекти нема да работат, како и компаниите што се занимаваат со непрехранбени производи.Во овие општини, , се прекинува работата во образовните институции – градинки, училишта, факултети, и се преминува на онлајн настава.

МАКЕДОНИЈА - Со потписите од околу триста делегати од последниот конгрес, иницијативниот одбор ќе организира вонреден конгрес за смена на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Вонредниот конгрес е предвидено да се одржи на 28 март во Скопје.

БЕЛГИЈА - Вакцинирањето во ЕУ се забрзува, останува целта да се имунизираат најмалку 70 проценти од населението до крајот на летото, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Во својот говор пред Европскиот парламент, Фон дер Лајен истакна дека земјите од Западен Балкан се изземени од механизмот на ЕУ за транспарентност и одобрување на извозот на вакцини.

ГРЦИЈА - Грчката полиција со солзавец се обиде да ги растера демонстрантите кои протестираа против новиот предлог закон за високо образование, јавува новинската агенција МИА. Студентите кои протестираа се обидоа да го пробијат полицискиот кордон пред зградата на Парламентот во Атина.

ШВАЈЦАРИЈА - Во периодот од 1 до 7 февруари, според официјалните податоци на Светската здравствена организација (СЗО), бројот на новозаразени со коронавирус се намалил за 17 проценти на глобално ниво, а вкупниот број на смртни случаи во тој период се намалил за 10 проценти, јави Ројтерс.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев денеска одговори на барањата на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски: Попис ќе има, предвремени избори ќе нема.

РУСИЈА - Рускиот истражен комитет денеска соопшти дека Леонид Волков, близок соработник на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални, е додаден на списокот за потраги во земјата. Исто така, денеска, Окружниот суд во Басманја во Москва соопшти дека Истражниот комитет официјално побарал од Судот да издаде налог за апсење на Волков, шефот на мрежата на тимовите на Навални низ Русија.