Утре доаѓаат вакцини од Србија, а попладне ќе се знае за кинеските

Илустрација - Српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев

Првата пратка од вакцините против ковид-19 од Србија, од производителот „Фајзер“, утре ќе пристигнат на граничниот премин Табановце, а според информациите, ќе ги достави делегација предводена од српскиот претседател Александар Вучиќ.

Премиерот Зоран Заев заедно со министерот Венко Филипче ќе го пречекаат претседателот на Србија, Вучиќ.

Се работи за пратка од осумте илјади Фајзер вакцини кои Србија се понуди да ѝ ги отстапи на Македонија, но премиерот Заев рече дека ќе ги платиме по набавна цена. Оваа беше договорено пред речиси еден месец, но се чекаше дозвола од производителот „Фајзер“ за вакцините да бидат испорачани во Македонија.

Денеска премиерот Заев изјави дека попладне ќе се знае точно и за пристигнувањето на 200 илјади вакцините од Кина.

„Може и утре да стигнат вакцините, но не е сигурно. Денеска ќе дознаеме попладне. Тоа ќе биде процес, за да може да се испланира пакувањето на сите овие 200 илјади вакцини. Денови се пред нас. Системот ни е целосно подготвен. Да ја примиме вакцината, за да можеме да го стекнеме имунитетот“, рече Заев на денешната прес-конференција.

Од денеска е отворена интернет страница vakcinacija.mk на која секој граѓанин на Македонија може да се пријави за вакцинирање против ковид-19, а системот ќе ги одреди приоритетните. Нема точен датум кога ќе почне вакцинацијата.