Кремљ го правда протерувањето на европските дипломати

Илустрација - Демонстрантите на протестите за ослободување на опозиционерот Алекса Навални со карикатура од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, 23 јануари 2021

Русија денеска го бранеше протерувањето на тројца дипломати од Германија, Полска и Шведска за наводно учество во протестите за поддршка на затворениот дисидент Алексеј Навални, јави германската новинска агенција ДПА.

„Руската страна јасно стави до знаење дека нема намера да толерира такво нешто“, изјави за агенцијата Интерфакс, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Руското Министерство за надворешни работи ги прогласи тројцата дипломати за „непожелни лица“ во петокот, тврдејќи дека тие учествувале во неовластени протести во Москва и Санкт Петербург на 23 јануари 2021. Извештаите на руската државна телевизија ги претставиле дипломатите како криминалци, емитувајќи снимки од надзорните камери на протестите со заокружените лица на дипломатите, заедно со нивните полни имиња и функции, јави ДПА.

Владите на Германија, Шведска и Полска го отфрлија ова, велејќи дека нивни претставници биле присутни на протестите како набудувачи, а не како учесници. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас рече дека германскиот дипломат ја исполнил својата задача како што е предвидено во Виенскиот договор за дипломатски односи, да добие информации за случувањата на теренот со законски средства. Канцеларката Ангела Меркел исто така го нарече протерувањето на дипломатите како „неоправдано“. Критики пристигнаа и од американскиот Стејт департмент и од францускиот претседател Емануел Макрон.

На 23 јануари, десетици илјади луѓе демонстрираа низ Русија за ослободување на затворениот дисидент Алексеј Навални и против претседателот Владимир Путин. Илјадници беа уапсени. Навални е осуден на речиси три години затвор поради наводна измама и прекршување на условната казна за таа „измама“. Тој беше уапсен по враќањето од Германија аде се лекуваше по труењето со нервен агенс, за што тој директно го обвини Кремљ, кој, пак, негира каква била вмешаност во „труењето“.