Koja: Пописот е важен за креирање на идни политики

Илустрација. ОБСЕ/ОДИХР Македонија.

Важно е во С Македонија да се спроведе попис со што ќе се овозможи креирање и спроведување на политики со ажурирани податоци, изјави шефот на Мисијата на ОБСЕ во земјава амбасадорот Клеменс Која.

Тој во интервју за МИА кажа дека е важно по 20 години во земјава да спроведе попис, чии резултати ќе се искористат во планирањето на иднината.

„Охрабрувачки е тоа што некои од опозициските партии го поддржаа усвојувањето на Законот за попис, дури иако не постоеше целосен консензус. По речиси 20 години, важно е земјата да спроведе попис, бидејќи тоа ќе им овозможи на владините институции да развиваат и спроведуваат политики за доброто на граѓаните врз основа на ажурирани податоци. Според мое гледање законот бил подготвен според најдобрите практики и стандарди од различни институции со надлежност во оваа област, како што се Економската комисија за Европа на ООН и Евростат“, вели КОја на прашање дали Законот за попис кој го донесе Собранието ќе овозможи да се спроведе квалитетен попис.

Мицкоски бара предвремени избори сега и попис во 2022

За барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пописот да се спроведе електронски, амбасадорот Која рече дека тоа не е во мандатот на ОБСЕ, но дополни и дека многу земји учеснички во организацијата планираат попис оваа година, а оти главен предизвик ќе биде во услови на пандемија да се осигура безбедноста и здравјето на сите вклучени во спроведувањето на пописот.

„ Важно е за Владата да воспостави јасни протоколи за да се осигура безбедноста и здравјето на попишувачите на теренот и на домаќинствата кои ќе бидат анкетирани. Искуството од предвремените парламентарни избори во јули 2020 година ми влева доверба дека ќе бидат испочитувани утврдените протоколи“, рече Која.