Персоналот на ЕУ во Москва може да се вакцинира со вакцината „Спутник V“

Илустративна фотографија.

Европската унија ќе им дозволи на своите дипломати во Москва да се вакцинираат против Ковид-19 со вакцината на рускиот производител „Спутник V“ доколку за тоа тие се одлучат, и покрај тоа што вакцината не е одобрена од регулаторните тела на ЕУ, се наведува во интерна електронска пошта на која Радио Слободна Европа имаше увид.

Во електронската пошта пратена на 3 февруари од високо лице во делегацијата на ЕУ во Москва со наслов „Вакцина против Ковид-19 – итно барање за повратна информација“, персоналот се известува дека руските власти одлучиле „да ја прошират кампањата за вакцинирање против Ковид-19 и на припадниците на дипломатскиот кор, во организација на градот Москва.“

Во пораката се додава дека „поради таа причина се собираат информации за персеналот на дипломатската мисија или членовите на нивните семејства постари од 18 години кои се подготвени да се вакцинираат (име и презиме, датум на раѓање и броеви на акредитациите.)

Вакцината „Спутник V“ никаде експлицитно не се спомнува во текстот, но во електронската пошта се спомнува дека руските власти „не ја навадуваат вакцината која ќе се употребува“, туку дека подоцна ќе бидат испратени „повеќе информации за тоа каде и како би се одвивала вакцинацијата, кога ќе се види интересот на дипломатскат заедница.“

Меѓутоа, во пораката се додава и тоа дека „од седиштето не сме добиле никакво одлучувачко мислење за тоа дали треба да примиме локална вакцина или вакцина која ја нема одобрено ЕМА, доколку е таква достапна.“

Европската агенција за лекови ЕМА до денеска има одобрено три вакцини: на „Фајзер и Бионтек“, Модерна и АстраЗенека.

„Се предупредува дека ова (вакцинирање) е лична одлука на секој поединец, но не е соодветна должност дасе препорача која било вакцина која не е одобрена од ЕМА. Затоа делегацијата не може да препорача, туку тоа го остава на секој поединец да одлучи дали го сака тоа (да се вакцинира) или на некоја друга блиска возрасна личност, члена на семејството во Москва, кој е регистриран во Москва“, се вели во пораката.

Во писмениот одговор на прашањето на РСЕ за тоа дали Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) предложила упатства до своите делегации ширум светот, за тоа како да се пристапи кон прашањето за вакцинација со локални вакцини што не се одобрени од ЕМА, портпаролката на ЕЕАС Набила Масрали изјави дека „ЕЕАС разговара со земјите-членки за различните опции за вакцинација на дипломатите и персоналот на ЕУ кои се распоредени во странство, почитувајќи ја политиката на ЕУ за времето и темпото на вакцинирање (приоритетни групи); логистичките и правни предизвици и во согласност со поддршката на ЕУ за трети земји ".

Извор во Москва за РСЕ изјави дека руски официјални лица на европските дипломати им ја нуделе вакцината „како луди, во секоја прилика, на секој состанок“.

Во меѓувреме, на официјалниот профил на „Спутник V“ на Твитер се вели дека италијанскиот амбасадор во Русија Пасквале Теракијано е вакциниран со оваа руска вакцина, а во истата објава од 19 јануари е цитиран амбасадорот како вели: „Јас бев вакциниран со руската вакцина „Спутник V“. Немав какви било забележителни несакани ефекти ".

Понудата на руската влада за вакцинирање странски дипломати доаѓа во време кога ЕУ се соочува со проблеми во снабдувањето и испораката на вакцини.