Февруари клучен за петтиот ковид пакет од 150 милиони евра

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека никој нема да биде изоставен од мерките

Виепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека очекува неделава да биде финализиран петтиот пакет мерки, ако се постигне согласност со сите засегнати страни.

„Петитот пакет економски мерки за поддршка на стопанството и граѓаните за справување со последиците од Ковид-19 ќе тежи помеѓу 50 и 60 милиони евра како директни буџетски импликации, но како фискални импликации ќе биде околу 150 милиони евра“, изјави денеска вицепремиерот.

Тој посочи дека никој нема да биде изоставен од мерките и се уште се разгледуваат деталите за пакетот за да биде точно утврдена неговата вредност и нагласи дека поддршката за платите нема да изостане и во петтиот пакет мерки.

И министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска изјави дека февруари ќе биде клучен за петтиот пакет маерки за справување со економските последици од ковид пандемијата. Тој им порача на пратениците во Собранието да ја усвојат грантната шема за да може да се спроведат мерките.

„Убеден сум дека наредните законски решенија кои ќе произлегуваат од петтиот сет на економските мерки ќе бидат поддржани и од страна на опозицијата, бидејќи јавно кажуваат дека се за поддршка на граѓаните и на стопанството во целина, изјави Бектеши, по денешната посета на скопската компанија „Раде Кончар ТЕП“.