Сведок, канцелар, критичар...

МАКЕДОНИЈА - Борко Ристовски, репрезентативниот голман и чувар на мрежата на неколкукратниот ракометен шампион Вардар денеска пред Судот во Скопје сведочеше за случајот Организатори на 27 април, односно за организирањето на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Тој истакна дека тој период не живеел во земјава, за случувањата се интересирал од медиумите, а како Македонец давал морална поддршка со коментари на социјалните мрежи. Рече дека не се познава лично со обвинетите екс-министри Миле Јанакиески и Спиро Ристески.

РУСИЈА - Во Русија денеска стапи во сила закон со кој се обврзуваат операторите на социјалните мрежи да бараат и да го блокираат пристапот до мрежни покани за приклучување на неовластени демонстрации и протести, јави германската новинска агенција ДПА.

АВСТРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Австрија во потполност го поддржува европскиот пат на целиот Западен Балкан и ќе се залага за започнување пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија во првата половина на оваа година. Наш стратешки интерес е да го внесеме регионот во ЕУ што е можно побрзо Ова го вели австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за февруарскиот број на белградскиот магазин Корд, јави дописникот на МИА од Белград. Тој изрази посебно жалење што Северна Македонија, како примерен-кандидат, сè уште ги нема отворено пристапните преговори со ЕУ.

ГРЦИЈА - Во невремето со обилен дожд што од синоќа го зафати регионот Еврос и предизвика поплави во градот Александрополи во североисточниот дел на Грција, денеска биле спасени деца од градинка, како и ученици од основно училиште, а загина еден пожарникар, јави дописничката на МИА од Атина.

САД - Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека администрацијата на претседателот Џo Бајден разгледувала можна реакција против Русија откако тамошната полиција употреби сила за да ги растера демонстрантите собрани со барање за ослободување на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални.

МАКЕДОНИЈА - Новоизбраниот народен правобранител Насер Зибери денеска по давањето на свечена изјава во Собранието рече дека ќе ги искористи сите правни инструменти за да испрати порака до ограните на управата и другите носители на јавни функции, дека функцијата Народен правобранител не е само декор во системот, туку бедем на заштита на слободите и правата на граѓаните.

МАКЕДОНИЈА - Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ го поддржуваат барањето на Сојузот на средношколците да се измени концептот за државна матура за оваа генерација матуранти и наместо четири (три екстерни и еден интерен предмет), матурантите да полагаат два предмета – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и втор предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира

БУГАРИЈА - Актуелниот бугарски претседател Румен Радев денеска изјави дека очекува да биде заедно со Илијана Јотова во претседателски/потпретседателски тандем за наредните претседателски избори, кои ќе се одржат во Бугарија до крајот на годината, јави МИА од Софија.

БЕЛГИЈА - Фајзер и германскиот партнер БиоНТех ќе испорачаат 75 милиони дополнителни дози од нивната вакцина против ковид-19 во вториот квартал од годината, рече денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, повторувајќи ги информациите што ги кажа претходно овој месец.

САД - Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, објави нов правен тим за судењето за импичмент во Сенатот непосредно пред истекот на рокот за поднесување на неговиот одговор на обвинението. Двајцата адвокати кои ќе го застапуваат Трамп, Дејвид Шен, чест телевизиски правен коментатор, и Брус Кастор, поранешен окружен правобранител во Пенсилванија, вчера дадоа изјави со кои го потврдија нивното учество во одбраната, откако сите пет члена на оригиналниот правен тим, наводно, се разделиле со поранешниот претседател ден порано во врска со разликите во стратегијата.