Стопанска комора: Уште се разговара за петтиот сет ковид мерки

Стопанска комора на Македонија

Од Стопанската комора на Македонија денеска соопштија дека се уште траат разговорите со Владата за петтиот антикризен пакет економски мерки и веднаш штом ќе се договори нешто конкретно, јавноста ќе биде информирана.

„Засега се уште не се дефинирани конкретни мерки. Во тек се разговорите со засегнатите страни. Штом биде договорено нешто конкретно, ние ќе соопштиме. Засега нема ништо што би можеле да кажеме, не сакаме да се создаде конфузија и забуна за некоја активност што не е прецизирана“, истакна денеска Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора, одговорајќи на новинарско прашање.

Петтиот сет мерки како помош за справување со економската криза предизвикана од пандемијата беше најавен пред 20-ина дена, од кога почнаа и барањата на дел од стопанствениците за поголема помош и преговорите со стопанските комори околу динамиката и опфатот на помошта од државата.