Дебар бара решавање на проблемот со електроснабдувањето

Куштрим Рамадани и Хекуран Дука во Дебар

Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука денеска изјави дека Дебар има големи проблеми со снабдувањето со електрична енергија, како и чести дефекти на интернет просторот.

„Прекините се чести поради што кај населението постои загриженост и песимизам, а штетите кај бизнисот и другите сектори се големи. Дебар е единствен град во земјава каде што проблемите се на ова ниво“, изјави градоначалникот Дука на средбата со генералниот директор на МЕПСО Куштрим Рамадани.

Тој додаде дека МЕПСО треба да ги превземе сите активности со цел градот и регионот да го надминат проблемот со честите прекини на електрична енергија, а санацијата на далноводите да ја врши во летниот период за да нема проблеми во зимата.

Генералниот директор на МЕПСО Рамадани изјави дека ќе се превземаат сите мерки со цел најзападниот регион во земјава да има стабилно снабдување со електрична енергија. Според него тешкиот терен во општините Маврово – Ростуше, Дебар и Центар Жупа создава многу проблеми со одржувањето на далноводите во регионот. Во врска со далноводите со висок напон кои се во градот и кои се штетни за граѓаните, Рамадани рече дека тоа е тежок проблем за решавање и затоа најави заеднички активности на МЕПСО со ЕВН и ЕЛЕМ.

Во текот на јануари оваа година поради оштетувања на далноводот трите општини од регионот немаа електрична енергија 16 часа по што следеа и големи реакции кај населението. Речиси секоја зима има дефекти и проблеми со електричната енергија, а пред некоја година Дебар а особено општина Маврово - Ростуше останаа без електрична енергија околу една недела.