Москва, Вашингтон, Скопје, Аушвиц...

СРБИЈА - Во Србија досега се вакцинирани 322.598 лица против коронавирусот, со што Србија е на третото место во Европа според бројот на вакцинирани на милион жители, после Велика Британија и Малта, соопшти денеска српската влада, од каде додаваат дека во регионот, Србија е прва според бројот на вакцинирани на милион жители, по што следуваат Романија и Словенија.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Фабрика во Велс, која ја произведува вакцината против ковид-19 на АстраЗенека, денеска била делумно евакуирана откако добила сомнителен пакет, по што била испратена полициска единица за отстранување бомби.

МАКЕДОНИЈА - Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска ги повика сите граѓани кое се жртви на злоупотреба во случајот Јавна соба, да пријават во најблиската полициска станица. Од МВР велат дека во координација со обвинителството презема соодветни мерки.

КОСОВО - Судија од Специјалниот суд за Косово, со седиште во Хаг, го одби барањето на адвокатите на поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и поранешен претседател на Косово, Хашим Тачи, за привремено пуштање на слобода. Таква одлука е донесена и по барањата на адвокатите на останатите водачи на ОВК, Реџеп Селими, Кадри Весели и Јакуп Красничи, кои заедно со Тачи се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.

МАКЕДОНИЈА - Владата го усвои планот за вакцинација против Ковид 19, информираше на денешната прес конференција владиниот портпарол, Мухамед Хоџа. Вакцинирањето ќе се одвива во три фази, а целата операција, како што рече денеска Хоџа, ќе се конкретизира со пристигнувањето на вакцините.

ТУНИС - Тунискиот Парламент доцна синоќа ја одобри реконструкцијата на владиниот кабинет, предложена од премиерот Хихем Мечичи, и покрај големото несогласување и резерви на претседателот Каис Саид, јави германската новинска агенција ДПА.

МАКЕДОНИЈА - Бројот на заболени од грип годинава е намален за 73 проценти во споредба со лани, информираше денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Сезонава вкупно 433 лица заболеле од грип, а според здравствените власти, драстичното намалување на болни од грип се должи поради мерките за заштита од коронавирусот како што се маските, дистанцата и забраните за групирање.

САД / ГЕРМАНИЈА - Западен Балкан е меѓу надворешно-политичките приоритети на новата американска администрација. Тоа, како што соопшти Белата куќа, било истакнато во телефонскиот разговор меѓу претседателот на САД, Џо Бајден, и германската канцеларка, Ангела Меркел. Според соопштението на Белата куќа, двајцата државници истакнале приоритетни теми, вклучувајќи ги Авганистан, Кина, Иран, Русија и Украина, како и Западен Балкан, каде што е актуелно прашањето за решавање на односите и постигнување договор меѓу Белград и Приштина.

РУСИЈА - Приврзаниците на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални повикаа на митинг в недела пред седиштето на Федералната служба за безбедност (ФСБ) во Москва, за повторно да побара негово ослободување од притвор.

САД / РУСИЈА - Претседателот на САД Џо Бајден, разговараше со неговиот руски колега Владимир Путин за прв пат по инаугурацијата во минатата недела, будејќи загриженост за некои активности на Москва, вклучувајќи го и третманот на затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални и анексијата на полуостровот Крим. Двајцата, сепак, најдоа заеднички јазик околу контролата на оружјето, и во вчерашниот телефонски разговор се согласија да продолжи новиот СТАРТ договор за контрола на нуклеарното оружје за пет години.

ПОЛСКА / САД / ГЕРМАНИЈА / ИЗРАЕЛ - Секоја година на 27 јануари, УНЕСКО му оддава почит на сеќавањето на жртвите на холокаустот и ја потврдува својата непоколеблива посветеност да се спротивстави на антисемитизмот, расизмот и другите форми на нетолеранција што може да доведе до групно насилство. Датумот ја одбележува годишнината од ослободувањето на нацистичкиот камп за концентрација и истребување во Аушвиц-Биркенау од советските трупи на 27 јануари 1945 година.

САД - Американскиот Сенат го потврди Ентони Блинкен за нов државен секретар со двопартиска поддршка. Блинкен, кој е ветеран во дипломатијата и долгогодишен советник на претседателот Џо Бајден, лесно го доби потребното мнозинство во 100-члениот Сенат. Тој го наследи Мајк Помпео, кој беше еден од членовите на кабинетот на претседателот Доналд Трамп со најдолг стаж.