Медиумските организации загрижени од измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Илустрација

Македонските медиумски здруженија изразија загриженост за предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, инициран од група пратеници на владејачкото мнозинство. Со овој предлог се предвидува членовите на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на АВМУ да се бираат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието, наместо со двотретинско мнозинство, како што е сега.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) велат дека е факт дека овој процес сега е закочен во Собранието поради несогласувањата меѓу власта и опозицијата, но оти „партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил „мерит системот“ за избор на лицата во овие тела“.

„Пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постојните закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите кои беа видливи во минатиот парламентарен состав“, наведуваат организациите.

Новинарските и медиумски организации се залагаа за начелото за избор со двотретинско мнозинство и во 2013 година кога се носеа медиумските закони, а за овој принцип се залагаа и експертите од Советот на Европа при изработката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.