Туристичките агенции бараат субвенции на плати без прекин

Архивска фотографија - Излог на туристичка агенција во Скопје

Туристичките агенции бараат од Владата итно продолжување на финансиската поддршка за плати, без изоставување на јануари и зголемување на капацитетите во автобусите. Оттаму, преку пишано соопштение, наведуваат дека финансиската поддршка за плати треба да биде во континуитет бидејќи, како што велат, секој месец се зема плата, а стигнуваат опомени за блокирање на сметките.

Поради стабилизирање на ситуацијата со Ковид-19, бараат да се врати и условот за 75 или 100 процентна исполнетност во автобусите.

„Авионските компании и во екот на пандемијата сообраќаа со целосна исполнетост на нивните авиони, па зошто да не можат и автобусите. Во време кога се трудиме да изработиме било што, ограничени сме со работа поради автобусите. Платежната моќ на граѓаните е намалена поради кризата, не можеме да ги покачиме цените и дополнително одиме во нови загуби“, се наведува во соопштението од туристичките агенции.

Пред две недели од Владата го најавија петтиот пакет економски мерки за помош во справувањето со економските последици од пандемијата со ковид-19, како и продолжување на мерката за субвенционирање на платите, која беше најискористената мерка во претходните четири владини пакети.