Поранешен грчки министер пронајден мртов на отворено море

Илустрација

Поранешниот грчки министер, Сифис Валиракис, синоќа беше пронајден мртов во морскиот дел во близина на островот Евија, откако претходно со неговиот мал чамец излегол да плови и му се изгубила трагата, јави МИА од Атина. Според грчките медиуми веројатно станува збор за несреќен случај, откако 77-годишниот Валиракис од непознати причини се лизнал и паднал од чамецот.

Грчката Крајбрежна служба соопшти дека во попладневните часови била известена за исчезнато лице, по што со девет чамци и бродови, еден хеликоптер, двајца нуркачи, два волонтерски тима, но и патролни возила на копно, започнала спасувачката акција. Прво бил пронајден чамецот, а подоцна и безживотното тело на поранешниот министер.

Сифис Валиракис (77), бил член на движењето на отпорот во Грција за време на воената диктатура, подоцна имал 15-годишна министерска кариера во повеќе ресори, а бил член на партијата ПАСОК.