Самарас: Договорот од Преспа неподнослива национална штета

Андонис Самарас

Поранешниот грчки премиер, а сега пратеник од Нова демократија, Андонис Самарас во интервју за „Катимерини” изјави дека проблемот со Договорот од Преспа не се решил, туку се трансформирал во друг, поопасен проблем кој ги инволвира и Бугарија и Албанија и Косово. Потоа, според него, навлегувањето на Турција во регионот, не било прекинато по договорот, туку се зајакнало.

„И на крај, земјите кои нѐ притискаа да отстапиме пред Скопје, кога дојде време да се справиме со провокациите на Турција, не ја поддржаа Грција“, посочува Самарас во интервјуто, додавајќи дека некои продолжиле да ја опремуваат Турција, а земјите што сега отворено ја поддржуваат Грција, како што е Франција на пример, не ја поддржале силно интеграцијата на Скопје во Европа.

„Според тоа, ниту проблемот се реши, ниту Грција виде нешто добро. Само неподнослива национална штета, давајќи име, идентитет и јазик“, коментира Самарас во однос на тоа каков ќе биде неговиот став кога трите меморандуми со Северна Македонија ќе дојдат за ратификација во Парламентот. Тој порача дека од тие причини нема да гласа за меморандумите.