Бајден и Џонсон ветиле соработка во справување со климатските промени

Американскиот претседател Џо Бајден

Британскиот премиер Борис Џонсон и американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор ветиле дека ќе ги продлабочат врските меѓу нивните две земји и ќе соработуваат во справувањето со климатските промени. Џонсон, според соопштението од неговиот кабинет, му честитал на Бајден за преземањето на функцијата.

„Со нетрпение очекувам да го продлабочам долгогодишниот сојуз меѓу нашите две земји, додека управуваме со зелено и одржливо закрепнување од ковид-19“, напиша Џонсон на Твитер.

Лидерите разговарале и за потенцијалниот договор за слободна трговија меѓу Велика Британија и САД. Џонсон, како што се наведува во соопштението, ја повторил неговата намера да ги реши постојните трговски прашања што е можно побрзо.

Бајден претходно разговараше со канадскиот премиер Џастин Трудо во неговиот прв повик со странски лидер по инаугурацијата на 20 јануари. Тој подоцна разговараше и со мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.