Претседатели и матуранти

ИНДИЈА - Во производствен капацитет што му припаѓа на најголемиот светски производител на вакцини, Институтот за серуми во Индија (СИИ), денеска избувнал пожар. Службите за итни случаи биле повикани во фабрика на СИИ во Пуна по избувнањето пожар на петтиот кат. Менаџментот на компанијата изјави дека производството на вакцини против Ковид-19 не е засегнато.

УНГАРИЈА - Унгарија е првата земја во Европската унија што ја одобри руската вакцина против корона вирусот Спутник V, а исто така ја одобри и британската вакцина на Астразенека.

СРБИЈА - Обвинителството за организиран криминал на Србија покрена предистражна постапка поради неовластено прислушување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објавија денеска од оваа институција. Според Обвинителството, сите информации и известувања ќе бидат проверени во предистражната постапка со цел да се откријат сите факти и околности во врска со тој случај.

УКРАИНА - Најмалку 15 лица загинале, а петмина се повредени во пожар во приватен дом за стари лица во источниот украински град Харков, Службата за итни случаи соопшти дека девет лица успеале да се спасат.

МАКЕДОНИЈА - Имаме раст на просечната нето плата во ноември, наша цел се достоинствени плати и подобар животен стандард за граѓаните. Владата е посветена на покачување на платите до 34.000 денари во следните четири години, објави денеска премиерот Зоран Заев.

ИРАК - Во двоен самоубиствен бомбашки напад што денеска претпладне се случи во Багдад, Ирак, загинаа најмалку 28 луѓе, а бројот на повредени е над 73. Нападот беше изведен денеска на раздвижена трговска улица со пазар во срцето на Багдад, соопшти ирачката војска.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе им поднесе пријави на 49 лица кои го одбележаа празникот Водици со капење во Охридското Езеро, и покрај забраната на организирано прославување поради пандемијата со ковид-19.

МАКЕДОНИЈА - Собранието денеска го усвои Законот за попис на населението и домаќинствата, кој треба да се одржи во април годинава. Расправата за законот заврши на 15 јануари, но тогаш немаше кворум за гласање, па денеска беше обезбеден кворум и пратениците го исгласаа законот. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше и ќе собира граѓански потписи против законот.

ТУРКМЕНИСТАН - Инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон беше следена во земјите низ целиот свет. Но, и не во Туркменистан. Државните медиуми и веб-страниците за вести кои се нарекуваат полуофицијални, во строго контролираната централноазиска држава не спомнаа ништо за вчерашниот настан во Вашингтон, јавуваат дописниците на Радио Слободна Европа (РСЕ).

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека на средбата со словенечкиот премиер Јанез Јанша била потенцирана недвосмислената поддршка која Македонија ја доби од Словенија во рамките на евроинтегративниот процес и недвосмислената поддршка за ВМРО-ДПМНЕ.

САД - Новиот американски претседател Џо Бајден потпиша укази со кои ја изрази намерата САД повторно да пристапат кон Париската спогодба за климата и во Светската здравствена организација (СЗО). Неколку часа по преземањето на должноста, Бајден во Овалниот кабинет на Белата Куќа потпиша неколку укази со намера веднаш да поништи повеќе важни одлуки на својот претходник Доналд Трамп.

МАКЕДОНИЈА - По тринеделен зимски распуст, основците и средношколците денеска се вратија на настава - онлајн или во училишните клупи, за да го продолжат второто полугодие од учебната 2020/2021 година. Дел од матурантите ја бојкотираат наставата бидејќи Министерството за образование не го прифаќа нивното барање за намалување на предметите за матура.