Проштално, празнично, пандемиско...

САД - Првата дама на САД, Меланија Трамп, која на 20 јануари ја напушта Белата куќа заедно со сопругот Доналд Трамп, кога му истекува претседателскиот мандат, со порака ѝ се обрати на американската нација. Во видео пораката, што синоќа беше објавена на веб-страницата на Белата куќа, таа вели дека најголемата чест во нејзиниот живот е што била прва дама на САД.

СРБИЈА / КОСОВО - Српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека најавата на кандидатот за претседател на Косово, Рамуш Харадинај, за можното обединување на Косово со Албанија претставува закана не само за Србија, туку и за регионот, Европа и целиот свет. Вучиќ кажа дека би сакал да слушне некои реакции од Брисел или Вашингтон. Харадинај на тоа одговори: Не се плашете господине Вучиќ. Нема потреба и да се нервирате. Косово го бара само тоа што му припаѓа. Доколку вие и останатите сакате да спречите референдум за обединување на Косово со Албанија во 2025 година, има еден многу едноставен начин: Србија да го признае Косово како независна држава.

ЦРНА ГОРА - Во неколку градови во Црна Гора верниците од српската православна црква пливаа во потрага по по Светиот Богојавленски крст кој се фрла во водите по повод празникот Водици или Богојавление. Ова се случува и покрај тоа што во Црна Гора на сила се мерките за забрана за групирање на граѓани.

ИРАН - Иранскиот суд осуди американско-ирански бизнисмен кој беше обвинет за шпионажа, објавија денеска американските медиуми. Ова се случува во период кога односите меѓу двете земји се соочуваат со големи тендии.

КОСОВО - Косовскиот суд донесе одлука со која ги ослободува од обвинението поранешниот премиер Агим Чеку и 11 други поранешни владини претставници за злоупотреба на буџетски пари за социјална помош наменета за лажни воени ветерани.

ГРЦИЈА - Луѓето што ќе ја примат вакцината против ковид-19 треба слободно да се движат, но не треба вакцинацијата да биде предуслов или задолжителна за патување, изјави денеска грчкиот министер за туризам Харис Теохарис на состанокот во Мадрид на Комитетот за управување со кризи на Светската туристичка организација.

МАКЕДОНИЈА - Државниот инспекторат за животна средина соопшти денеска дека вчера вечер биле цел на хакерски напад. Во нивното соопштение е наведено дека околу 12:00 часот на полноќ, на 18-ти наспрема 19-ти јануари 2021 година, поголем број медиуми добиле стари соопштенија испратени од е-мејл адреси на Државниот инспекторат за животна средина.

АВГАНИСТАН - Најмалку дваесетина луѓе загинаа во Авганистан во новиот бран насилство кој се случи изминатово деноноќие, додека во Катар се во тек мировни разговори меѓу Владата и талибански милитанти. Министерството за одбрана објави дека вчеравечер биле убиени 4 авганистански војници при напади на Талибанци врз контролни пунктови во северната провинција Кундуз. Во соопштението е наведено дека при нападите биле убиени 12 талибански милитанти, а 12 биле ранети.

МАКЕДОНИЈА - Македонската Влада денеска донесе одлука со која од четврток угостителските објекти ќе може да работат до 21 часот. По завршувањето на владината седница, премиерот Зоран Заев на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека оваа одлука е донесена откако биле разгледани епидемиолошките насоки.

МАКЕДОНИЈА - Најмасовната верска манифестација осветувањето на водите на Охридското Езеро и фрлањето на крстот по повод празникот Богојавление- Водици годинава се одбележа поинаку поради епидемијата со коронавирусот. Во сите цркви на Дебарско-кичевската епархија се одржаа свети литургии, а крстот се фрлаше во крстилниците. Во Охрид, сепак, и покрај забраните, триесетина охриѓани се фрлаа во езерото по светиот крст.

РУСИЈА - Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е сместен во ќелија во озлогласениот московски притвор откако судијата донесе одлука за 30 дневен притвор. Навални беше уапсен на аеродромот во Москва веднаш штом слета од Германија на 17 јануари.