Мицкоски и Николовски во Будимпешта на средби со колеги од сестрински партии

Архивска фотографија, Прес-конференција на Христијан Мицкоски,

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата Александар Николовски денеска во Будимпешта се сретнаа со Претседателот на комитетот за надворешни работи на Парламентот на Унгарија Золт Немет и пратеникот на партијата Фидес Габор Домос, се вели во соопштението од партијата.
Во него се наведува дека на средбата се разговарало за актуелните предизвици на државата на патот кон ЕУ, парламентарната соработка на ниво на сестринските партии, како и актуелната здравствена и економска криза.
Мицкоски истакнал дека граѓаните на Македонија премногу долго чекаат на забележителен напредок на патот кон ЕУ, а сето тоа покрај евидентираниот недостаток на реформи, лош стандард и недостаток на правда, е отежнато и со ветото од Бугарија, се вели во соопштението.
„ Друг значаен проблем е катастрофата што се случува во економијата и исклучително високиот степен на корупција која поминува неказнето што е една од причините кочничар за напредок на државата на патот кон ЕУ,“ рекол Мицкоски, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата беа констатирани добрите односи помеѓу двете сестрински партии како и можноста тие дополнително да се продлабочат.