Навални уапсен веднаш по слетувањето во Москва

Алексеј Навални веднаш по слетувањето на авионот во Москва

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални пристигна во Москва од Германија, каде се лекуваше откако беше отруен и веднаш беше приведен од органите за спроведување на законот на московскиот аеродром Шереметјево. Кога Навални бил одведен, неговиот адвокат, кој патувал со него, не смеел да го придружува. На неговата сопруга Јулија Навалнаја, која исто така беше на летот, ѝ беше дозволено да помине низ пасошка контрола.

Рускиот затворски орган ФСИН го потврди притворот за Навални, пренесува Интерфакс. Во соопштението на ФСИН се вели дека Навални бил во притвор поради „повеќекратни прекршувања“ на условите од неговата условна казна во врска со пресуда за измама во 2014 година. Во соопштението се вели дека Навални ќе биде во притвор „се додека не донесе одлука на судот“ по ова прашање.

Овој потег, според кој Навални може да биде затворен 3,5 години за наводно непочитување на условите од условна затворска казна, предизвика непосреден бран критики кон претседателот Владимир Путин и во Русија и надвор од неа.

Навални, еден од најистакнатите домашни критичари на претседателот Владимир Путин, беше пренесен во Берлин во август минатата година на итен медицински третман, откако беше отруен со, како што покажаа тестовите од неколку европски лаборатории, нервен агенс новичок.

„Ова е најдобриот момент во последните пет месеци“, рече тој пред новинарите откако седна во авионот за Москва во германскиот главен град. „Се чувствувам одлично. Конечно, се враќам во родниот град“.

Тој ја објави својата одлука да се врати од Германија во средата, а ден подоцна затворската служба во Москва соопшти дека ќе стори сé за да го уапси откако ќе се врати, обвинувајќи го за непочитување на условите за условна затворска казна за проневера, случај од 2014 за кој тој вели дека е наместен.