ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за собирање потписи за законот за попис

Наум Стоилковски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе почне процедура за собирање на потписи со кои што ќе се бара поништување на законот за попис, ако власта, во меѓувреме, не го повлече законот. Од партијата велат дека се подготвуваат документи, кои треба да се поднесат до Министерството за правда за да може да се спроведе таа акција на терен.

Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски денеска изјави дека законот е без методологија и има индиции кои укажуваат дека тој нема да се спроведе како статистичка операција. Стоилковски образложи дека акцијата за собирање на пописи би била спроведена преку подрачните единици на Министерството за правда, а луѓето ќе може да се потпишат во подрачните единици низ градовите.

„Бројот на потпишани нема да биде нешто за занемарување од страна на владејачкото мнозинство. И целта е тоа, да се повлече овој закон и да се донесе закон кој што ќе значи општествен консензус за статистичка операција – попис поддржан од сите“, рече Стоилковски.

Ќе се отвори ли пат за спроведување на пописот?

Стоилковски додава дека електронската иницијатива за потписи е уште еден начин на кревање на свесноста на населението и притоа уште еден начин за притисок врз власта во однос на овој закон кој значи спроведување на политички договор наместо на статистичка операција.

Вчера Собранието ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија. Гласањето по Предлог законот ќе биде дополнително закажано.