Достапни линкови

Ќе се отвори ли пат за спроведување на пописот?


Државен завод за статистика

И додека пратениците од власта и опозицијата не можат да најдат заеднички јазик за законот за попис кој се носи во скратена постапка, упатените велат дека тој мора да се одржи што поскоро. Од Заводот за статистика уверуваат дека се исполнети сите предуслови за успешно спроведување на попис напролет

Директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски не крие дека одржувањето на попис во услови на пандемија е предизвик, но тврди дека немаме време за повторно одложување и уверува дека ќе се преземат сите потребни мерки за успешно и безбедно спроведување на оваа статистичка операција. Во неделното интервју за Слободна Европа, Симовски вели дека државата има потреба од релевантните податоци што побрзо, особено како земја кандидат за членство во Европската Унија, а токму спроведување на попис е еден од приоритетите во поглавјето статистика во првиот кластер.

Што е спорно за престојниот попис во Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:45 0:00
Директен линк

„Стравувам исклучително многу и се надевам дека овој тренд кој е во моментот ќе се задржи, сите чекаме следните две недели да видиме какви ќе бидат ефектите од празниците врз бројките, но не очекувам раст на пролет бидејќи се менуваат и временските услови, излегуваме надвор, нема да бидеме затворени. Сепак нашите подготовки се базираат на состојбата од пред две три недели кога имавме над 1000 заболени дневно. Сите учесници во пописот најстрого ќе ги применуваат мерките кои ги препишува Комисијата. Значи секој мора да има маска, да има средство за дезинфекција пред и по излегување од домаќинството и секој треба да обезбеди услови лицата кои се попишуваат да знаат што е запишано за нив“, вели Симовски во интервјуто.

ВМРО ДПМНЕ побара да се дефинира кои документи ќе се прифаќаат, кои бази на податоци ќе се користат, да се прави разлика меѓу живеалиште и престојувалиште, да има хартиен, а не само електронски образец, да има двајца непосредни попишувачи наместо еден. Според партијата, спорно е и зошто не се објавува методологијата на попишување и зошто СДСМ е против терминалите за отпечаток на прст.

Забелешките на опозицијата, особено во делот на отпечатоците за Симовски не се прифатливи, зашто како што вели, единствената институција која е овластена да прибира информации од отпечаток од прст е МВР, а од друга страна податоците до кои ќе дојде Заводот не смеат да се даваат на проверка во други институции. Во однос на техничките пречки, Симовски вели дека има граѓани кои не се во земјава и немаат отпечаток во МВР, понатаму има деца кои немаат отпечатоци бидејќи немаат уште пасоши или лични карти, а тука се и странците кои живеат тука и исто така немаат свои отпечатоци во МВР.

Повикот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски да се одложи пописот за следната година, според Симовски, исто така не е оправдан.

„Ние веќе 19-тата година ја тераме без податоци. Значи време за одложување нема. Секој ден одложување е ден повеќе без податоци во државата. Еве не мора да одиме подалеку, прашајте го бзинис секторот што значи тоа да немаат податоци и колку тоа им влијае на нивните деловни планов за развој. Втората работа ако одложиме за 2022 година како то инсистира ВМРО-ДПМНЕ, што сакаат да кажат дека нема да има пандемија? Позадината е сосема друга, ќе дојдеме на власт, па ние ќе спроведуваме попис, мене тоа не ме интересира. Нас ни треба податокот сега, не сега, пред десет години ни требаше, доцниме веќе премногу“, вели Симовски.

Во меѓувреме во Собранието продолжува расправата за предлог законот за попис, кој пак наиде на низа реакции од опозицијата. Нивните амандмани не беа прифатени, а Мицкоски најави дека доколку законот не биде повлечен од процедура, ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира заедно со граѓаните и ќе поднесе иницијатива до подрачните единици на Министерството за правда, за собирање на потписи за предлог – закон кој што ќе биде доставен во Собранието за поништување на законот за попис.

„ВМРО-ДПМНЕ, заедно со граѓаните, ќе почне иницијатива на собирање потписи во Министерството за правда и како резултат на таа иницијатива ќе доставиме предлог – закон во Собранието со кој што ќе предвидиме поништување на овој закон владејачкото мнозинство се подготвува да го донесе по насилен пат. Затоа повикуваме на масовна мобилизација“, изјави Мицкоски пред два дена.

Ваквиот наратив на опозицијата според политичкиот аналитичар Сефер Селими уште од старт му наштетува на процесот, кој според него треба да се сфати како статистичка операција која ќе служи за градење добри политики на власта.

„Овие опструкции наликуваат дека се поттикнати од национализам и не враќаат најмалку 10 години назад и потсетуваат на тензиите кои ни се случуваа во 2011 година. Од друга страна ова е резултат на тоа што дел од правата на една група граѓани доаѓа од бројките на населението. Тука се тие фамозни 20 проценти кои за Албанците се многу важни, а од друга страна ние се храниме со наратив дека нема повеќе од 10 или 15 проценти, тоа е политички наратив на екстремните национални движења, од каде што и опозицијата повлекува добар број гласачи“, вели Селими.

Тоа што земјава нема попис веќе 18 години и се перцепира како политичка, а не статистичка операција, според аналитичарите е резултат на менталитетот на народот и сфаќањата дека пописот е операција за пребројување на граѓаните од етнички аспект.

Инаку одговорен за пописот ќе биде Заводот за статистика, а во него ќе учествуваат и Совет за статистика, комисии за 50 пописни реони, државните инструктори, реонските инструктори, реонските попишувачи и други учесници кои ќе бидат ангажирани за него. За неговото спроведување се планира да бидат ангажирани околу 6 000 лица, кои ќе работат во целата држава.

Оние за кои ќе се потврди дека се во земјата или дека се во странство помалку од една година, или дека се странци кои во земјава живеат подолго од една година, ќе влезат во домашната официјална статистика. Останатите ќе бидат евидентирани дека живеат во странство, ако дотогаш веќе не ја искористиле шансата која ја нуди законот – сами да се пријават преку апликација од 15 до 31 март. Пописот ќе чини 8,5 милиони евра.

Пописот ќе трае од 1 до 21 април, попишувачите ќе имаат лаптоп на кој има податоци за граѓаните од 6 различни бази на податоци, како на што се Катастарот, МВР, Министерство за труд и социјална политика, Фондот за здравствено и пензиско осигурување, образование, УЈП, Агенција за вработување дополнителни бази за проверки на податоците потоа. Податоците кои ќе ги даде граѓанинот за себе и за членовите на семејството, ќе бидат внесени и проверени компјутерски.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. До сега се спроведени осум пописи, а последниот успешен е во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но тогашната власт ја прекина под сомневање за фалсификат.

Поранешното Специјално јавно обвинителство отвори и истрага за пописот во март 2018 година, а лани во септември со останатите предмети, оваа истрага премина во рацете на редовните обвинителства откако бившата специјална обвинителка Катица Јанева даде такво овластување. Еден од главните осомничени во оваа истрага беше лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешниот премиер Никола Груевски. Тие беа осомничени за злоупотреба на службена должност.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG