Министерството за економија ги повлекува измените на Законот за минерални суровини

Министерот за економија Крешник Бектеши

Министерството за економија донело одлука да и предложи на Владата да го повлече Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини поднесен до Собранието по скратена постапка.

„По барање на Алијанса на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри се“ кое што беше доставено до Министерството за економија, Министерството одлучи да го повлече Предлог- законот со цел за негово доработување и усогласување со забелешките изнесени во барањето и потоа повторно да го достави за донесување по редовна постапка. Сепак, Министерството за економија во текстот на барањето увиде дека дел од забелешките за одредби од Законот за минерални суровини се погрешно толкувани или нецелосно разбрани за што сакаме точно да ја информираме јавноста за истите.“, се наведува во соопштението.

Триесетина граѓански организации за заштита на животната средина побараа предлог законот да биде вратен во редовна процедура, а во негово изготвување да биде вклучена експертската јавност и сите заинтересирани граѓани кои сакаат да дадат свои предлози за подобрување на текстот. Измените на Законот за минерални суровини по скратена постапка беа ставени на дневен ред на собраниската седница закажана за 18 јануари.