Пиштоли и шприцеви

ВАТИКАН - Папата Франциск денеска бил вакциниран против коронавирус, на првиот ден од кампањата за вакцинација во Ватикан, пренесе агенцијата Франс прес, откако вчера во медиумите излегоа информации дека Папата веќе е вакциниран.

МАКЕДОНИЈА - Две лица се ранети при вооружена престрелка по што се однесени во градската болница Св. Наум Охридски во Скопје, потврдуваат за Радио Слободна Европа од МВР. Како што велат полициски извори, станува збор за пресметка меѓу четири лица пред деловен објект во село Љубош во која се ранети две лица.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека од 21 месецов ќе се врати работното време на угостителските објекти до 21 часот, а сите останати мерки остануваат во сила. Тој нагласи дека согласно со проценката на ситуацијата во текот на деновите до 21 јануари евентуално може да се разгледа барањето на угостителите за работа до 23 часот.

РУСИЈА - Критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, е ставен на руската федерална листа за потраги за наводно кршење на условната затворска казна и може да биде уапсен по неговото планирано пристигнување викендов од Германија, каде што беше пренесен со хеликоптер за лекување по труењето со нервниот агенс од советско време - новичок.

ГРЦИЈА / МАКЕДОНИЈА - Напредокот на билатералните односи по Договорот од Преспа, ситуацијата во регионот и европската перспектива на Северна Македонија, биле темите за кои разговарале претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи.

СЛОВЕНИЈА - Словенечката Влада одлучи поголемиот број од актуелните епидемиолошки мерки, што се во сила речиси три месеци во Словенија, да бидат продолжени до 22 јануари. Единствена поголема измена е продолжување на формалната состојба на епидемија во земјата за 60 дена.

КИНА - Експертски тим на Светската здравствена организација (СЗО) денеска пристигна во Кина, за да ја почнат долгоочекуваната истрага за потеклото на коронавирусот.

ШВАЈЦАРИЈА - Втората година од пандемијата на коронавирусот можеби ќе биде потешка, со оглед на тоа како се шири новиот вирус, особено на северната хемисфера, каде што циркулираат позаразни варијанти, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).