Министерот Османи во посета на Грција

Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе престојува во работна посета на Грција, на покана на својот домаќин, шефот на грчката дипломатија Николаос Дендиас.

На средбата меѓу двајцата министри, како што соопшти МНР, ќе бидат отворени теми поврзани со билатералните односи, интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог во различни области, како и Акцискиот план за соработка и имплементацијата на Договорот за стратешко партнерство (Преспа).

Предвидено е потпишување на неколку меѓународни документи, со кои дополнително ќе се збогати договорната рамка меѓу двете држави, се вели во соопштението.

Османи ќе биде примен од претседателот на Хеленската Република Катерина Сакеларопулу и од премиерот Кирјакос Мицотакис.

Во рамките на средбите ќе бидат отворени темите за унапредување на економско-трговската соработка меѓу двете земји, стратешките проекти за поврзување со гас и со гориво, како и учеството на Северна Македонија во гасниот терминал „Александрополис“ во Грција, стои во соопштението на МНР.

Предвидено е да се разговара и за политичките актуелности во регионот и регионалната соработка, особено за неговата европска и евроатлантска перспектива, и поддршката што Грција ѝ ја дава на Северна Македонија во тој контекст.