Василичари, политичари и глумци

МАКЕДОНИЈА - Со карневалски маски и маски за заштита од ковид-19 и под силно полициски обезбедување во тензична атмосфера дел до Василичарите продефилираа низ Вевчани како дел од традционалниот карневал. За време на дефилето настана и инцидент поради судир со полицијата. ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека власта во вевчани со специјалци тепала учесници на карневалот. Од полицијата рекоа дека не биле почитувани протоколите за заштита од ковид-19.

ЦРНА ГОРА - Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ денеска соопшти дека нема да го потпише разрешувањето на началникот на Генералштабот на Армијата на Црна Гора, генерал-мајор Драгутин Дакиќ и разрешувањето и престанокот на службата на генерал-мајор Рајко Пешиќ. Наместо тоа, вели тој, ќе свика седница на Советот за одбрана и безбедност и веќе го овластил секретарот да го усогласи датумот на нејзиното одржување.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин нареди следната недела да старува масовната вакцинација и здравствените власти да ја отворат програмата за вакцинација за сите Руси.

ИТАЛИЈА - Стотици наводни членови на најмоќната италијанска мафија денеска станаа дел од најголемиот судски процес за организиран криминал во земјата во изминативе 30 години. Денеска почнува судскиот процес против 355 осомничени членови на таканаречениот криминален синдикат во кои се вмешани политичари, адвокати и бизнисмени во јужниот регион Калабрија.

МАКЕДОНИЈА - Годинава нашата економија ќе се врати на патеката на економскиот раст, додека следната година ќе го достигне преткризното ниво. На среден рок, очекувам повисоки стапки на раст на економската активност и достигнување на просечно ниво од 5% во следните 5 години, со паралелна фискална консолидација во насока на одржливост на растот, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.

САД - Американскиот Стејт департмент го откажа последното големо дипломатско патување под администрација на претседателот во заминување Доналд Трамп. Стејт департментот синоќа објави дека дводневното патување на државниот секретар Мајк Помпео во Брисел и соседен Луксембург е исфрлено од распоредот.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот кандидат за Оскар за 2021 - Врба на Милчо Манчевски - ќе игра во кината, на ТВ и на стриминг платформите низ САД, во дистрибуција на Кино Лорбер, еден од најреномираните дистрибутери на уметнички филмови во САД. Врба пред американската публика ќе се прикажува во текот на 2021, и ќе продолжи во 2022 и 2023.