Ѕвезди на доаѓање и политичари на заминување

МАКЕДОНИЈА - European Film Promotion оваа година ја избра македонската актерка Сара Климоска како една од десетте европски актерски откритија - European Shooting Stars 2021, соопшти македонската Агенција за филм. Во оваа престижна селекција, Сара Климоска е избрана заедно со уште девет актерки имиња од Финска, Франција, Германија, Унгарија, Литванија, Ирска, Холандија, Португалија и Шведска, а поради нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов - Лена и Владимир, во продукција на Минд Продукција.

ГРЦИЈА / БЕЛГИЈА - Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со допис до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и до шефовите на државите на Европската унија (ЕУ), предлага усвојување на стандардизиран сертификат за вакцинација за слободно движење на граѓаните кои веќе се вакцинирани, јави МИА од Атина.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Астра Зенека поднесе барање до Европската агенција за лекови (ЕМА) за одобрување на вакцината против ковид 19, која британската компанија за лекови ја разви во соработка со Универзитетот во Оксфорд.

КУБА / САД - Администрацијата на Доналд Трамп синоќа по американско време објави дека ја става Куба назад на американската листа на државни спонзори на тероризмот, потег што може да ги попречи сите напори на идната администрација на Џо Бајден да го оживее одмрзнувањето на односите со Хавана во ерата на Барак Обама.

МАКЕДОНИЈА - Во периодот што следува нашата работна група ќе ги разгледа коментарите, кои пристигнаа од Бугарија на нашиот предлог Акциски план и ќе биде изградена јасна позиција, изјави за МИА специјалниот пратеник за Бугарија, Владо Бучковски, кој се наоѓа во посета на Софија. Тој вчера имаше средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерија Захариева, која му даде Акциски план, а кој допрва треба да биде разгледна од нашите власти.

СРБИЈА / МАКЕДОНИЈА - Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, го информираше македонскиот премиер Зоран Заев дека од четврток, 14 јануари, Република Србија ќе го укине задолжителниот ПЦР тест за влез во Србија за граѓаните на Северна Македонија.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека лекот ивермектин од денеска е достапен во аптеките. Лекот ERMETIN (ivermectin) таблета 3 мг x 10 во пакување, како што соопшти Министерството, на производителот World Medicine Ilac San.Ve.Tic. од Турција, по одобрена малопродажна цена во аптеките изнесува 299 денари.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс се сретнаа синоќа, најавувајќи дека претседателот ќе го комплетира својот мандат и покрај растечкиот притисок за негово отстранување или оставка поради минатонеделните настани во Конгресот. Средбата во Овалната соба е прва по влегувањето на приврзаниците на Трамп во Конгресот на 6 јануари, додека Пенс претседаваше на заедничката седница за потврдување на изборната победа на Џо Бајден.

ИРАН / САД - Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, денеска, без да наведе цврсти докази, рече дека Ал-Каеда основала нова домашна база во Иран.