Грчките основци се вратија на настава со физичко присуство

Архивска фотографија - Дезинфекција во училиште во Солун

Од денеска основците во Грција се вратија во училишните клупи по пауза од речиси два месеци, но со посебни превентивни мерки, со задолжителна употреба на маска, како за учениците, така и за наставниците, јави МИА од Атина. Воведена е можноста за флексибилно време за почеток на наставата, различни големи одмори, отворање на повеќе од еден влез во училиштата за да се избегне создавање гужва како меѓу учениците, така и меѓу родителите и старателите. Училниците се опремени со антисептици, а предвидено и често проветрување на просториите.

Освен основните училишта, денеска се отворија и забавиштата и градинките. Министерката за образование на Грција, Ники Керамеос, утрово рече дека училиштата се природната средина за учениците, а ништо не може да ја замени наставата со физичко присуство.

Средношколците, од петокот продолжија со онлајн настава, планирано е во следниот период да се разгледа можноста и тие да се вратат во училишните клупи, а минатата седмица беше соопштено намалување на материјалот за државниот испит за матурантите.