Демократите со резолуција до Пенс да го прогласи Трамп за неспособен за функцијата

Мајк Пенс и Ненси Пелоси на седница на Претставничкиот дом

Демократите во американскиот Конгрес ќе се обидат да го истераат претседателот Доналд Трамп од канцеларијата во текот на оваа недела, со притисок врз потпретседателот и Кабинетот да ги искористат нивните уставни инструменти да го отстранат, или преку процес на импичмент. Ова го најави спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси во вчерашното писмо до законодавците, во време на зголемен притисок врз Трамп, како и се поголема изолираност во неговите последни денови на власт, поради улогата во поттикнувањето на влегувањето на толпата во зградата на Конгресот.

Претставничкиот дом на САД, контролиран од демократите, денеска ќе достави резолуција со која го повикува потпретседателот Мајк Пенс „да го собере и да го мобилизира Кабинетот за активирање на 25-тиот амандман за прогласување на претседателот за неспособен за извршување на должностите на неговата функција“, рече Пелоси. Ако Пенс не одговори во рок од 24 часа, демократите ќе продолжат со донесување на закон за импичмент во Претставничкиот дом, додаде таа.

„Заштитувајќи го нашиот Устав и нашата демократија, ќе дејствуваме итно, бидејќи овој претседател претставува непосредна закана и за Уставот и за демократијата“, рече Пелоси.