Трка со времето во Шпанија да се исчисти снегот пред новиот леден бран

Луѓе во Мадрид одат по снег

По исклучителна силната снежна виулица која го зафати централниот дел на Шпанија, властите денеска забрзано го чистат снегот во Мадрид и другите делови на земјата, пред доаѓањето на уште еден силен леден бран.

Снежните врнежи од над 10 сантиметри во петокот и во саботата го покрија Мадрид и дел од Шпанија и го парализираа сообраќајот. Во централниот регион на земјата од петокот навеа најмногу снег од 1971 година.

Снежната бура Филомена донесе силни дождови во другите делови на Шпанија при што загинаа тројца луѓе.

Во голем дел од внатрешноста на земјата од ноќеска до четврток се очекуваат температури до -10 целзиусови степени, објави Шпанската метеоролошка агенција.

„Наша цел е да го искористиме секој момент до понеделник, кога ќе дојде до пад на температурите“ да го исчистиме снегот од главните сообраќајници пред да замрзне, рече синоќа градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинес-Алмеида.

Тој предупреди дека движењето во Мадрид, каде што снегот престана да вее вчера попладне, ќе биде отежнато до крајот на неделата.

Во Мадрид мораше да интервенира армијата да ги расчисти пистите на Меѓународниот аеродром, кој ќе остане затворен најмалку до попладнево, како и пристапите до болниците кои и понатаму се под голем притисок поради пандемијата на коронавирус.

Владата соопшти дека сообраќајот и понатаму е во прекин или со тешкотии на повеќе од 700 патишта, додека возовите кои сообраќаат од и кон Мадрид се откажани до денеска попладне.

Невремето денеска се движи кон Каталонија и Арагон на североистокот на земјата, каде што вее послаб снег од оној кој падна во централниот дел на земјата во претходните два дена.