По протестот дозволен погреб на 11 рудари во Пакистан

Шиити во Пакистан протестираат со седење по убиството на 11 рудари.

Стотици шиити во Пакистан го завршија нивниот протест со седење и го дозволија погребот на 11 рудари од народот Хазара, убиени од припадници на Исламската држава.

Погребот во предградие на градот Квета во југозападен Пакистан доаѓа по неколкудневни протести кои ја потенцираа тешката состојба на шиитското Хазара малцинство во земјата. Рударите беа заробени и застрелани на 4 јануари во Мах, на околу 50 километри од Квета, главен град на немирната пакистанска провинција Балучистан. Илјадници луѓе ширум Пакистан протестираа поради егзекуциите.

Според исламската традиција, погребот треба да се изврши што побрзо по смртта, но демонстрантите не дозволија одржување на погребите сè додека не бидат уапсени убијците, а премиерот Имран Хан лично ги посети за да ги увери во безбедноста на областа. Хан, кој повика на одржување на погребите, но рече дека нема да биде уценуван, пристигна во Квета попладнево, а според неговиот кабинет, се очекува да се сретне со претставници на демонстрантите и со шиитските верски лидери.

Шиитското Хазара малцинство и во минатото беше цел на напади од сунитски милитантни организации и во Авганистан и во Пакистан. Балучистан, на границата со Иран и со Авганистан, кој е богат со ресурси, со години се мачи со меѓуверски насилства, напади од исламистичките милитанти и сепаратистички бунтови кои однесоа илјадници жртви од 2004 година.