Заев: 2021 ќе биде година на рестарт и капитални инвестиции

Зоран Заев

Ќе инвестираме во патната и железничка инфрастутура, гасовод, училишта и болници. Клучни ќе бидат капиталните инвестиции, за кои се проектирани 23 милијарди денари, во инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата и земјоделството..., изјави денеска премиерот Зоран Заев, најавувајќи ги плановите за 2021 година, за која рече дека ќе биде година на рестарт и година на економско заздравување од Ковид-19.

„Годинава со Буџетот се предвидени за 20 отсто повисоки се средства за капитални проекти, односно над 23 милијарди денари. Самиот период на кризата би сакале да го искористиме како можност да добиеме квантен скок на економијата. Преку инвестиции во гасната инфраструктура ќе имаме гас и од Азербеџан, Катар, Америка, покрај рускиот гас. Се градат и ветерници, што ќе биде 100 проценти домашна инвестиција“, изјави Заев.

Премиерот, на денешната заедничка прес-конференција со министерот за економија Фатмир Бесими, рече дека во 2020 година, и во услови на пандемија, владата и институциите работеле успешно, а македонската економија останала стабилна.

„И во време на пандемија обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите, задржувајќи ги вработените каде што е тоа можно. Македонската економија е стабилна, жива и динамична, не дозволивме потрошувачката да запре. На економски план, се покажа дека борбата за спас на работните места е најправилната и најчовечната стратегија, рече Заев и најави дека овој месец ќе има дебата за следните економски пакет-мерки, а во февруари ќе се носат мерките за 2021 година.