Груби: Почитувавме протоколи на забавата за Ахмети - ВМРО-ДПМНЕ: Мора да има казни

ДУИ на роденденската забава за Али Ахмети во новите простории на Министерство за политички систем

Функционерите на ДУИ на вчерашната роденденска забава на нивниот лидер, Али Ахмети, во новите простории на Министерството за политички систем, ги почитувале здравствените ковид протоколи и само за кратко ги тргнале маските за да се фотографираат, тврди министерот за политички систем, Артан Груби, во изјава за неколку македонски медиуми.

Одговорот на Груби доаѓа по вчерашните и денешните обвинувања од јавноста и од опозицијата дека од фотографијата што ја објави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се гледа дека никој не носи маска за заштита. ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, сите присутни на забавата во Министерството за бидат казнети. Лидерот на ДУИ вчера го прослави 62. роденден, а сопартијците го искористоја неговото присуство во новите простории на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците за да му приредат мала забава.

Министерот Груби тврди дека целиот вчерашен настан на вселување во новите простории на Министерството, што тој го предводи, бил организиран согласно со протоколите за заштита од ковид-19, а дека фотографијата била само момент од изненадувањето за лидерот Ахмети.

И министерот Бујар Османи, во изјава за Радио Слободна Европа, негираше дека имало забава. Тој вели дека имало само роденденско изнанадување, и се почитувале протоколите.