Ѓукановиќ не ги потпиша указите за отповикување на црногорски амбасадори

Подгорица- црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ се обраќа во парламентот, 02.12.2020

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ одби да го потпише указот за отповикување седум амбасадори и побара објаснување за тврдењата „дека тие работеле против интересите на државата“.

Во врска со одлуката на министерот за надворешни работи од новата црногорска влада Ѓорѓе Радуловиќ да се повлечат седум амбасадори, со образложение дека тие не работеле во согласност со интересите на државата, тој додаде дека донесувањето указ ќе значи дека тој се согласува со тие „паушални, политикански и реваншистички проценки“.

„Се разбира, не е непозната праксата и на другите земји, по промената на власта, да менуваат голем број дипломати, претежно кои не се со кариера, со политичко објаснување“, рече црногорскиот претседател.

Радуловиќ бара отповикување на црногорските амбасадори во Кина, Србија, Обединетите Арапски Емирати, Светата Столица, Италија, Босна и Херцеговина и во Германија.