Грчката црква против одлуката на владата за Водици

Работник во заштитно одело дезинфецира манастир во Грција

Светиот Синод на Грчката православна црква, денеска одржа вонреден состанок за владините мерки за Водици и соопшти дека „не се согласуваат со мерките и инсистираат на она што беше првично договорено, а паралелно наредуваат Светите храмови да останат отворени за учество на верниците на литургија и осветувањето на водите во црквите“, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓу мерките што грчката Влада ги соопшти за оваа седмица е и забрана за отворање на црквите во среда за Водици, иако пред празниците беше соопштено за време на карантинот исклучок ќе има а за Божиќ, Нова година и за Водици кога литургиите ќе може да се одржат со присуство на верници.

Токму затоа, Светиот Синод на ГПЦ денеска одржа состанок и го изрази своето несогласување со мерките на грчката Влада и соопштуваат дека испратиле протесно писмо до Владата, „сметајќи го дијалогот како единствено средство за решавање на разликите што се однесуваат на односите меѓу државата и религиозните заедници“. Дополнително упатуваат апел како до Европската унија, така и до грчката Влада да ги преземат неопходните чекори за веднаш да се обезбеди доволен број одобрени вакцини за граѓаните.