Ден на жалост во Хрватска и во БиХ

Снимка со дрон на оштетените објекти во Петриња

Од полноќ, во Хрватска е Ден на жалост во спомен на жртвите од земјотресот што неодамна ја погоди таа држава.

На седницата во средата, хрватската Влада го прогласи 2 јануари за Ден на жалост во Хрватска и отвори сметка за помош на жртвите.

Во земјотресот со интензитет од 6,2 степени според Рихтеровата скала што во вторникот ја погоди областа Петриња, загинаа седум лица, а над 20 беа повредени.

Материјалната штета е огромна, а реконструкцијата ќе трае со години. Практично целиот центар на Петриња е уништен.
Штетите се огромни и во Сисак, каде локалната болница е многу оштетена.

Според првични проценки, во земјотресот се оштетени над 2.000 објекти.

Ден на жалост е прогласен и во Босна и Херцеговина поради трагичната смрт на осуммина млади луѓе на прослава на новогодишната ноќ во Требистово кај Посушје. Се работи за четири момчиња и четири девојки на возраст од 18 до 20 години кои починале од гушење со плин во викендичка каде што ја прославувале Нова година.