Филипче ќе формира советодавно тело од пензионирани професори по медицина

Министерот Венко Филипче и проф. д-р Драган Даниловски на средба во Министерството за здравство, 29 декември 2020

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се сретнал со проф. д-р Драган Даниловски и се договориле да се формира неформално советодавно тело од професори во пензија од Медицинскиот факултет, соопшти Министерството за здравство (МЗ). Целта е професорите да помогнат во анализирање на тековните состојби во здравството.

„На крајот на оваа година, сакам да му изразам посебна благодарност на проф. д-р Драган Даниловски за целиот придонес во Ковид кризата досега. Тој исклучително стручно и конструктивно настапуваше во медиумите со што значително придонесе во информативната кампања. Покрај ова, неговите совети до мене и целиот тим во однос на менаџментот и проекциите за развојот на пандемијата беа од големо значење. Денеска на средбата со проф. Даниловски договоривме да се формира неформално советодавно тело од професори во пензија од Медицински факултет, со цел анализирање на тековните состојби во здравството. Во новата година му посакав добро здравје и успех. Верувам дека и понатаму ќе ја продолжиме соработката”, изјави министерот Филипче.