ДКСК ќе го проверува имотот на функционери, градоначалници и судии

Архивска фотографија - Седница на Антикорупциска комисија (ДКСК)

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 45-та седница го усвои годишниот план за проверка на имотната состојба и интереси за претстојната 2021 година, кој ќе се реализира во три квартали и ќе бидат опфатени градоначалници, судии и функционери.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, појасни дека ќе бидат изработени објективни критериуми, во кои ќе бидат опфатени сите судии, градоначалници и функционери за кои граѓаните имаат поднесено претставка, по што ќе се направи селекција и ќе бидат објавени.

„Во првиот квартал, во пресрет на локалните избори ќе бидат опфатени 15 градоначалници и градоначалникот на Град Скопје. Не можеме сите да ги опфатиме, па ќе направиме некоја селекција во зависност од средствата со кои располагале“, изјави Ивановска.

Во вториот квартал, посочи Ивановска, ќе бидат опфатени судии, меѓу кои и двајца претседатели кои не биле опфатени лани, а во третот квартал владини функционери, што е обврска од ГРЕКО.