Владата реагира во врска со написите за набавката на ПЦР тестови од страна на Службата за општи и заеднички работи за вработените во Владата. Во владиното соопштение се наведува дека тестовите се неопходни во ситуации кога членови на Владата имаат потреба од итно службено патување во странство, а за кои тестирања, како што стои во соопштението, нема можности за закажување тест преку матичен лекар.
На тендерот се пријавиле четири фирми и иако тендерот бил отворен за сите, се пријавиле само приватни лаборатории, а избрана е фирмата со најниска цена.
„Тестовите што ги прави Институтот за јавно здравје се бесплатни за граѓаните, но не и за институциите на државата која ги плаќа по пазарна цена“, стои во соопштението.
Претходно денеска Радио Слободна Европа објави дека Владата преку тендер си набавила 260 молекуларни тестови за детектирање на ковид-19 за потребите на своите вработени. За еден тест се издвоени 1900 денари, а вкупно тие чинеле околу 8000 евра. Договорот со приватната лабораторија Авицена е потпишан пред 12 дена.
Службата за општи и заеднички работи на Владата парите за тестовите ги обезбедила со ребалансот на буџетот за 2020 година, а причината е влошената ситуација со пандемијата.
„Со оглед на моменталниот огромен, неочекуван и непропорционален раст на бројките на новозаразени, хоспитализирани и смртни случаи и есенскиот бран на епидемијата со корона вирусот која не стивнува, а ги надмина во секој можен поглед очекувањата и проекциите на надлежните институции за справување со корона вирусот, Договорниот орган се соочи со потребата од непланирани, зголемени и дополнителни активности за превенција од ширење на болеста КОВИД-19 (корона вирус), а заради заштита на здравјето на луѓето“, се наведува во тендерската документација.
Денеска, пак, премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Тетово, рече дека не е запознаен до договорот за набавка на ПЦР тестовите. Но и да е склучен договор, според него, веројатно има причина зошто е тоа сторено. Тој рече дека имаат целосна доверба во Институтот за јавно здравје и во сите здравствени институции и дека за власта државните институции се примат.
„Подобро здравство од јавното здравство нема“, рече Заев.