Собранието расправа за спорот меѓу Владата и Макпетрол

Архива : Талат Џафери - претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Собранието расправа за Предлог-законот за решавање на спорот меѓу Владата и Макпетрол по пат на спогодба. За расправата по текстот на законот пријавени се 37 пратенци од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека Собранието ќе работи до исцрпување на листата на сите пријавени за говор.

Опозицијата се спротивставува на усвојувањето на спогодбата со која Владата треба да ги откупи акциите на Макпетрол во фирмата ГА-МА, која раководи со преносот на гас, откако двете засегнати страни во ноември минатата година одлучија вонсудски да ги решат судските спорови.

Опзицијата не гледа проблем фирмата да биде во сопственост на државата, туку на тоа дека цената е превисока.

Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ за предложениот закон рече дека е едно од серијата кои ја уриваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото. Таа рече дека „не сме Собранието да прерасне во квази суд.“

„По овој закон, во Собранието би следел закон за решавање на спорот меѓу Мицковски и Заев. Не може да има закон за спор зошто тој се решава со медијација и во судовите“, рече Силјановска Давкова.

И пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека законското решение е „школски пример како се прават пари ако се спогодиш со Владата.“ Тој додаде дека Собранието нема ингеренции и не може да го завери договорот за купопродажба во вредност од 33 милиони евра за делот на Макпетрол кој е проценет на 18 милиони евра.

Министерот за економија Крешник Бектеши реплицираше дека треба да се прави разлика меѓу номиналната и актуелната вредност на секое Акционерско друштво (АД) и додаде дека во 2006 година кога била основано АД ГА-МА номиналната вредност била 1500 денари за акција, а сега во моментов е 12 500 денари, рече Бектеши.