Познатиот руски историчар Соколов осуден за убиство

Професор Олег Соколов на сослушување во судот во Санкт Петерсбург.

Судот во Русија го осуди рускиот професор Олег Соколов на 12 ипол години затвор, откако го пргласи за виновен за убиство на неговата студентка и љубовница.

64-годишниот Олег Соколов, кој некогаш беше одликуван со француската Легија на честа за неговото истражување на воениот лидер Наполеон Бонапарта, беше приведен во Санкт Петерсбург во ноември 2019 година, откако беше извлечен од реката Мојка со ранец во кој беа ставени отсечени делови од тело на жена.

Истражителите подоцна ја најдоа главата на жената во неговиот стан.

Соколов подоцна призна дека ја убил и распарчил неговата љубовница, 24-годишната студентка на постдипломски студии Анастасија Јашченко.

Државните обвинители побараа 15-годишна затворска казна за Соколов.

Соколов, кој редовно беше облечен во носии од времето на Наполеон, а учествуваше и во реконструкции на битките, за време на сослушувањето рече дека целосно ја прифаќа вината по сите обвиненија, но додаде дека не е сигурен дали убиството било со умисла, бидејќи според него, тој ја убил неговата љубовница во состојба на „привремено лудило.“

Случајот од висок профил беше одложуван неколку пати во последните месеци од различни причини, вклучително и ограничувањата за спречување на ширењето на коронавирусот.