Божикното обраќање на папата Франциск ќе биде онлајн

Папата Франциск на мисата во Ватикан

Христијанските верници кои го сметаат времето според Грегоријанскиот календар денеска го слават Божик, денот на раѓањето на Исус Христос.

Ватикан соопшти дека поглаварот на римокатоличката црква, папата Франциск денеска нема да има обраќање до насобраните на плоштадот Свети Петар со благословите “Urbi et Orbi” (до градот и до светот) од централниот балкон на базиликата. Според соопштението, обраќањето на папата ќе биде од внатрешноста на Апостолската палата и директно ќе биде пренесувано на интернет.

На мисата што беше одржана синоќа во Базиликата Свети Петар, поради мерките против коронавирусот, присуствувале помалку од 100 верници, како и мал број кардинали и бискупи, а говорел папата Франциск. Сите освен папата и членовите на малиот хор носеле маски, а мисата почнала два часа порано од вообичаеното, за верниците да можат да се вратат дома пред полицискиот час што почнува во 22 часот. Папата во обраќањето истакнал дека луѓето треба да чувствуваат обврска да им помогнат на оние на кои помошта им е потребна.

Во Македонија традиционално централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што синоќа имаше божикна света литургија.