МВР подготвило посебен план за новогодишната ноќ и за први јануари

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Ние имаме посбен оперативен план за ноќта на 31 декември, како и за утредента на први јануари и затоа апелирам ако некој директно го загрозува здравјето на граѓаните ќе мора да си сноси одговорност, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, без да открие детали од новогодишниот план на МВР.

„Се согласувам дека не постои забрана да издадете викендица, но на едно семејство, на четири, пет, шест лица, тоа не е проблем, но проблем е дека издаваат за 20, 30, па и 40 луѓе. И сега драстично е намален бројот на огласите откако започнавме со апели и проверки“, изјави Спасовски во гостување на ТВ24.

Спасовски нагласи дека полициското присуство секогаш било засилено околу Нова Година и другите празници во текот на јануари.

„Што се однесува до верските празници кои следуваат, ние ќе се обидеме да разговараме со верските заедници, со Комисијата за односи меѓу верските заедници, но и да одржиме состанок во Влада ако има потреба. На крајот мораме да донесеме решение кое нема да го загрози здравјето на луѓето“, рече Спасовски.