Финансова полиција- на добар пат сме да докажеме каде завршиле парите од „Еуростандард банка“

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми

Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми вечерва изјави дека се на добар пат да докажат каде завршиле парите од „Еуростандард банка“.

"На добар пат сме да ја докажеме одговорноста на сите вмешани страни кои се дел од оваа алка“, рече Муареми во гостувањето во Телевизија 24, а пренесува МИА.

Тој истакна дека за „Еуростандард банка“ постапуваат по неколку добиени наредби од Обвинителство за организиран криминал и корупција.

„Во почеток мислевме дека не е толку организирано, но кога веќе почнавме да истражуваме во самата банка и по добиените банкарски сметки од неколку фирми, веќе утврдивме голема мрежа која може да кажеме дека не се работи за 140, туку за повеќе фирми“, нагласи Муареми.

Управата за финансиска полиција, како што додаде тој, веќе почнала предистражна постапка за две-три други банки, кои постапувале на сличен начин, но разликата е во тоа што другите банки го искористиле заложното право.

Инаку Еуростандард банка ја изгуби дозволата за работа во август поради неконтролираното преземање ризик за кредитирање и големото издвојување на резервации за кредити кои не се враќале на време. Повеќе од 70 отсто од клиентите со заштеди до 30 000 евра ги подигнаа средствата кои им беа заробени додека останатите 780 депоненти кои имаат поголеми износи остатокот ќе треба да си го бараат од стечајната маса.