Пред празниците, Албанија го зголемува времетраењето на полицискиот час

Илустрација

Албанија ги зајакнува мерките за претстојните празници со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, информира Огерта Манастирлиу, министерка за здравство и социјална заштита.

Полицискиот час, кој од 11 ноември беше воведе од 22 до 6:00 часот, од 24 декември ќе почнува од 20:30. Оваа мерка ќе важи до 4 јануари, а од 5 јануари полицискиот час повторно ќе почнува од 22 часот.

Од 24 декември до четврти јануари во 20:30 завршува работното време и во угостителските и трговските објекти, освен оние за домашна достава.

Албанија исто така ги прекина летовите од и кон Велика Британија, по најновите информации за појавата на нова идентификувана мутација на коронавирусот во таа земја. Дополнително, се воведува и задолжителна 14-дневна самоизолација за сите патници што ќе пристигнат од Велика Британија во Албанија по други патишта.

Министерката нагласи дека состојбата редовно ќе се анализира и доколку има потреба ограничувачките мерки ќе бидат проширени или намалени.