Филипче: Трансмисијата на вирусот се намалува

Министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави денеска дека неделните пресеци укажуваат на тоа дека Р0 факторот на трансмисија на вирусот се намалува. Но, според него, внимателни се затоа што се можни изненадувања.

„Доколку продолжи вака како што е изминативе неколку недели – да, ќе биде тренд, но внимателни сме затоа што се можни изненадувања, затоа што очигледно овој вирус не го прати моделот на вируси од истата група на вируси во кои се јавува. Имавме еден тренд на стабилизација прво, па сега и намалување и внимателни сме, пратиме како ќе биде овој период пред нас“, рече Филипче во обраќањето на Tематскиот форум „Справување со кризата со (не)доволни ресурси“, организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка и Цивика мобилитас.

Тој потенцира дека не може да има еден идентичен протокол за лекување од болеста.

„Секој пациент треба да биде воден од самиот матичен лекар. Мора да се направи проценка врз основа на клиничката состојба на пациентиот, затоа што видовме многу сценарија за оваа болест што уште еднаш не враќаат на заклучокот дека имаме работа со непознат вирус“, рече Филипче.

Во однос на тестирањето, според Филипче, брзите тестови кои се на располагање малку ја промениле сликата и најави дека ќе биде дистрибуирано дополнително количество тестови.