Албанија ја зголеми минималната плата за 15 отсто, вгодина ќе биде 245 евра

Илустрација

Албанската влада, на предлог на Националниот совет за труд, што го сочинуваат седум министри, донесе одлука со која од јануари се зголемува висината на минималната плата за 15,4 отсто. Минималната основна плата на државно ниво ќе изнесува 245 евра (30.000 леки), што е зголемување за 15,4 отсто или 32 евра од сегашните 213 евра (26.000 леки), колку што изнесуваше со одлуката од декември 2018 година.

Како што стои во владината одлука, овој износ на минимална плата, како и досега, се должни да го исплаќаат сите правни субјекти, односно домашни и странски фирми, а се однесува за 172 работни часови месечно во „нормални услови за работа”. Образложувајќи ја одлуката, министерката за финансии и економија, Анила Данај рече дека е во насока на „одржување на животниот стандард на вработените”.