Вакцините за Западен Балкан паралелно со тие за ЕУ, вели Вархеји

Архивска фотографија - Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров утрово учествуваше на состанокот со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на кој со колегите од регионот разменија информации за состојбата и подготвеноста за набавка на вакцините против Ковид-19, како и за плановите за реализација на вакцинација на приоритетните групи, соопшти денеска Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

Според соопштението од СЕП, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, информирал дека Европската комисија прави напори вакцините против Ковид-19 да пристигнат во земјите од Западен Балкан паралелно со нивната дистрибуција во земјите членки на Европската унија (ЕУ).

„Тој укажа дека за специфичните потреби на секоја од земјите во регионот, ќе биде обезбедена и соодветна финансиска поддршка од страна на Унијата“, стои во соопштението на СЕП.